Преземено од femina.mk
Според податоците на Државниот завод за статистика, 453 илјади луѓе во земјава живеат во сиромаштија и не можат да си ги дозволат сите оброци на ден, со месечни приходи помалку од 6.500 денари. Семејствата со три и повеќе деца се во поголем ризик. Според податоците, во 2016 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесувала 21,9 отсто. Од друга страна, илјадници тони на безбедна храна се фрла на депониите.
За да се надмине овој проблем, граѓанската организација „Ајде Македонија“ со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и агенцијата за маркетинг комуникации „Publicis One“ го промовираа новиот проект „Сите Сити“, кој во изминатиот период ги создаде основите за воспоставување на првиот систем за донирање на вишокот храна во Македонија.
Системот се состои од законски промени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на свеста, подигнување на капацитетите на членките на системот и воспоставување на веб-платформа за размена на храната. „Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно храната од бизнисите преку 14 граѓански организации ќе завршува кај 13.000 социјално загрозени граѓани кои се корисници на нивните услуги. Системот ќе пилотира оваа година на подрачјето на Скопје, но планот е од наредната година да се прошири низ цела Македонија“, вели Јосифовски (Претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија“).
Главните извори од каде ќе се собира вишокот на храна и ќе се пренамени се производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти, пекари и др. Компаниите кои веќе се вклучија се: „Нелт СТ“, „Рудине“, „Виталиа“, „Јоми Фуд“, „Пекара Перек“ и други.
На настанот се потпиша и Меморандум за соработка меѓу 14 граѓански организации и 5 бизнис претставници кои заедно влегуваат во системот за донирање на храна.
Потребни се волнотери за достава и компании партнери за донација на храната:
Објави мислење