Веселинка Георгиевска: “Со #Ретвитни Оброк од март до денес се поделени преку 2,000 оброци за сиромашни граѓани и бездомници”

4

-интервју на Веселинка Георгиевска,

хуманитарец, филантроп и волонтер во  #Ретвитни Оброк, за хуманоста како главна подвижна сила во нејзиниот живот

и за акцијата #Ретвитни Оброк

” Јас сум Веселинка Георгиевска, повеќето што ме знаат велат дека ми одговара името на карактерот, ме доживуваат како позитивна личност, оптимист, идеалист.

Сакам да помагам на другите и го правам тоа секогаш кога имам прилика за тоа, а прилики (за жал) има секојдневно – отворени броеви за донација, крводарителски акции, еколошки акции, хуманитарни акции за помош од поголеми несреќи (поплави, бегалски кризи) и сл. Помагајќи на другите си помагам себе си, во мисијата да останам човек, да останам умерена во поглед на трошењето, однесувањето и ставовите, да ја зачувам реалната перцепција за светот во кој живееме.  Да се изразам со современ речник, фидбекот што го добивам со учество на хуманитарни акции го надминува повеќекратно вложеното (време или пари)! Чувството дека си предизвикал насмевка и си подарил надеж некому е бесценето.

Скоро секогаш е потребна само мала акција за да се оствари една поголема идеја, како на пример со еден меил испратен до колегите (за кој ми беше потребна една минута) се организиравме да купиме продукти за бегалците и со тоа да поттикнеме и други да земат учество во хуманитарната акција која нашата фирма ја имаше договорено во соработка со Црвениот Крст.

Да, и покрај лошата економска ситуација, постојат во Македонија и општествено одговорни фирми, понекогаш треба само да се има иницијатива, да се обратиме за помош до фирмите кои имаат желба и намера да помогнат, да ги претставиме нашите искрени цели и намери и со задоволство не поддржуваат.

Понекогаш да помогнеш значи и само да ја рашириш информацијата , а со тоа ќе придонесеш да помогнат други кои се во можност.

11018131_1566891820232386_7147020565560510704_nСега збор два за нешто што е прилично актуелно и со растечки тренд.

Тоа е континуираната акција која си ја нарековме Ретвитни Оброк – твитерџиска акција која ги обединува готвачите и гладните. И едните и другите имаат потреба од љубов.

Се започна многу спонтано со еден твит од 26ти март оваа година…идејата е едноставна наместо слики од оброци на инстаграм – вистински оброци за оние кои имаат потреба од тоа.

Фи’рета ‏@Z_ataG_laboska  Mar 26

Еве со @maririna_ зборвиме како би било супер сите волни готвачи од тл да се собериме, да говиме еден ден и да донираме оброци.

Следеше дожд од реакции и планови кој на кој начин би сакал да се вклучи, се појавија првите идеи како да се реализира оваа идеја, каде и на кого да се делат оброците.

Јас лично можеби и не сум голем гурман, но идејата веднаш ми се допадна, a готвењето доби поголема смисла.

Со  Тони и Весна од здружението “Вистински дела на љубезност” ме запозна една друга твитерџика Јасмина (кога го продадовме станот на баба ми им се јавив да земат што е потребно од покуќнина, облека, мебел…) , па сега повторно ги исконтактиравме за помош околу реализација на нашата замисла. Тие веќе година ипол претходно делеа седмичен оброк и облека на бездомници – нашата целна група.

Од тогаш до денес  се поделени преку 2,000 оброци (27 недели по ред по 70-80 оброци неделно).

Со вклучување на Ретвитни Оброк се постигнаа  многу повеќе,се зголеми квалитетот на оброците (од сендвичи на готвени јадења), се зголеми бројот на волонтерите и донациите како од индивидуалци така и од хотели, здруженија, маркети.

Тука сакам да ја истакнам и моќта на социјалните мрежи (фејсбук и твитер) кои како и секоја алатка, доколку се искористат паметно, може да придонесат да се постигне многу повеќе.

Значи, наместо “хејтање” , собирање на лајкови за помош на болно дете, споделување на икони или слики со мудри зборови, искористете ги за информирање, споделување на идеи, мобилизација и реализација на корисни акции.

Посетете ја нашата фејсбук група, прочитајте на кој начин може да се вклучите од деталните информации на настанот оваа саботаРетвитни Оброк #28 или проверете што сме зготвиле на хаштагот РетвитниОброк !

sedmicen obrokАкцијата е еднноставна- амбалажи и намирници подигнуваме од портирницата на куќата на Мајка Тереза во петок, готвиме групно или сами и во сабота во 12:30  на истото место ги делиме оброците на оние на кои им се потребни – бездомници и социјално загрозени лица. Често после настанот заеднички одиме на кафе  каде споделуваме впечатоци за тоа како поминал настанот, дискутираме за тоа што може да се подобри во иднина, од каде може да се обезбедат донации и сл.

Се надевам дека оваа моја приказна ќе заинтересира и мотивира барем еден од читателите да ни се придружи, со тоа целта е исполнета.

Да ги претвориме добрите намери и желби во вистински дела на љубезност!”

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење