Многу пати надежта и вербата во луѓето помогнале да се спаси нечиј живот. Една таква голема верба во луѓето го продолжи животот на мојата внука Мила. Имено, Мила има тешко срцево заболување и на осуммесечна возраст и е вграден пејс-мејкер, срцев стимулатор за нормално функционирање и работа на срцето. Ова апаратче има век на траење околу години. Кога се наближи времето за негова промена не бевме во финансиска можност да ги сносиме потребните трошоци, зошто мајката на Мила е самохрана и невработена мајка на две деца, и егзистираме само од мојата пензија.
Ако не постоеја хумани луѓе, со кои се одликува нашата земја, се плашам и да помислам што ќе се случеше со малата Мила. Најголема благодарност должиме на ТВ Сител и новинарот Марјан Ников, и неговиот колега Александар Динев, кој покрена хумана акција и во емисија го изложи нашиот проблем. Емисијата со огромен одзив, граѓаните донираа масовно на донацискиот број на Т-Мобиле. На училиште кај Мила, во нашето соседство, роднините и пријателите, сите собираа средства. Директорот на ЗОО Скопје организираше хумана акција, влезниците од еден викенд ги намени за помош на Мила.
Одзивот беше огромен. Средствата од ЗОО Скопје не ни беа потребни и ги пренасочивме за помош на друго дете кое имаше потреба од лекување. Нашиот случај е доказ дека верба во хуманите луѓе мора да се има, зошто кога е потребно тие излегуваат во пресрет. Без разлика на сумата која секој ја донирал, ние сме бескрајно благодарни на сите граѓани кои со својата хуманост ја спасија мојата внука Мила
Вера Јарчева,
баба на Мила Јарчева
Објави мислење