-Интервју со Сандра Томовска, новинар, колумнист во Офф нет, самохран родител,
хуманитарец, борец за подобро утре, жена -херој и човек-инспирација,
за www.donacii.mk
“Претпоставувам дека хуманоста е нешто со што се раѓаш, но и умираш. Таа особина или можеби одлика на еден човек е нешто што во себе го спознаваш од најмали нозе кога на улиците, играјќи се со деца чувствуваш жал за посиромашните од тебе, кои немаат топка а сакаат да имаат, кои немаат нови патики а заслужуваат, па така, пример по пример, во себе почнуваш да водиш борба за тоа како да помогнеш така што на ден или два ќе ги позајмиш работите кои мама и тато ти ги купиле за да бидеш стокмен, а ти кришум ги даваш на оние за кои ти е жал, па чуствуваш радост за туѓа краткотрајна среќа и задоволство.
Тоа е оној дел кој ме враќа во детството кога се дружев со посиромашни дечиња кои си ги сметав за свои а на кои како да ми беше обврска да им помагам за да бидеме рамноправни, за да и тие никогаш не се почуствуваат помалку вредни само заради изветената облека, искинатите патики или ранецот од пред три години.
Ден по ден, сфатив дека јас сум човек роден за да помага, предводена од тој некој си жал зошто некој да нема, а да имам јас.
Си ги помагав школските посиромашни другарчиња, ако ништо друго на начин за роденден да им го купам она што ни на сон нема да можат да си приуштат, за да, кога станав мајка, да подојам дете чија мајка нема млеко, да соберам алишта од децата и да ги дадам на посиромашните, да ставам пари на нечиј картон на децата распослани по улиците, да однесам нечие напуштено дете во драгстор и да му купам јадење, да пуштам пари по смс за нечие лечење, кучиња скитиници да ранам по туѓи дворови, предводена од тоа ”греота е”, помогни Сандра кога веќе можеш.
Пораснав, станав мајка на две деца, воспитувајќи ги да бидат уште похумани, а јас продолжив со мојата цел и работа, и во 2001 помагав на раселените, на три семејства од Куманово со помош на организирана акција и добри граѓани, успеавме дури и нов дом да им подариме, да им купиме кревет, облека, јадење, на школо децата да ги испратиме, да им извадиме документи, социјална помош, работа да ископаме, а се поради смртта на малата Ива Мирковиќ која почина од државна но и родителска негрижа.
Сега и овде, пред себе од јуни имам нова цел, а тоа се бегалците. Првин во кумановската џамија, а потоа и на граничниот премин Табановце, помагам на оние кои ги донесе овде виорот на војната и страдањата човечки.
Пакувам храна, облека, одам и собирам донации, кога можев и одев на преминот, делев храна и потребштини, апелирам по социјалните мрежи да се донира, а во истовреме, со самохраните мајки организиравме и акции, на децата од интернат во с. Драгоманце тон облека им испративме, и веќе не знам ни јас самата дали нешто заборавив да спомнам, а тоа да не е дел од моите хумани активности.
Затоа, вие што го читате овој мал извадок, само едно имајте на ум, а тоа е, помагајте на посиромашните, на обесправените, на болните, на маргинализираните, бидејќи…
Животот е краток но и непредвидлив. Никогаш не се знае дали вие сте следните на кој ќе треба да се помогне. А и никогаш да не дојде до тоа, имајте на ум дека и кога ќе заминеме од овој свет, претпоставувам генерациите зад нас ќе бидат горделиви кога ќе знаат дека некој по добри дела не` спомнува.
Хуманоста се пренесува преку гените. Затоа, направете ги хумани и оние кои доаѓаат после нас, затоа што на светот му требаат повеќе такви луѓе.”
Објави мислење