Пет години “ДОНАЦИИ”

6

Драги пријатели,

Со особено задоволство со вас го споделуваме нашиот Јубилеј, 5 години работа на тимот на “Донации”.

Прв пат “Донации” се појави како блог медиум на Македонскиот блогерај, како „Блог за Донации“, на 17 февруари 2009 година. Започна како идеја на блогери ентузијасти кои сакаа да направат медиум каде можат да се објавуваат и прошируваат апелите за помош на луѓе кои им е потребна помош од материјални средства за лекување.  Со подоцнежното вклучување на останатите членови на тимот, идејата за “Донации ” се пресели на останатите социјални и интернет медиуми, за во 2011 година да се формира Здружението “Хуманост без Граници” чија примарна цел е основната идеја на тимот – помош на секоја индивидуа и група која ќе појави потреба од истата.

Денес, по 5 години од нашиот прв напис, можеме да кажеме дека се што направивме, го направивме благодарение на Вас. Благодарение на сите Вас, нашите пријатели, сите оние сајтови и институции кои не поддржуваат, сите Вие кои безрезервно ни излегувате во пресрет. Сите ние заедно успеавме да направиме мал, но полн со љубов, медиум каде секој може да се информира за активните апели за помош. Овие 5 години бевме сведоци на многу приказни, голем дел од нив завршија среќно. Сето тоа, нека ни биде мотив на сите нас, за уште многу повеќе заеднички успеси, да им помогнеме на оние кои помошта им е навистина потребна. Доколку со нашите активности успеавме да поттикнеме некого да биде похуман – нашата цел е постигната.

Со почит,

Тимот на Донации

Ана

Јасмина

Наде

Александар

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење