*Миа Јовчевска
ученик во Меѓународни училишта “Нова”,
волонтер, активист, борец за Подобро Утре.
“Волонтер е човек кој сака да им помага на луѓето без да биде платен. Ова беше моето мислење за значењето на зборот волонтер. Но, откако дојдов во интернационалната гимназија „НОВА“ за прв пат оваа година, јас сфатив што всушност значи да си волонтер. Да се биде волонтер има многу поголемо значење. Тоа значи да му помогнеш на некого на кого му треба твојата помош, но и да мотивираш некого да почне да чекори по вистинската улица, улицата на успехот и среќата. Да се биде волонтер значи да се вложи многу труд, напор и време кое на крај нема да биде наградено со пари. Но, дали парите се вистинската награда? Вистинската награда е љубовта и насмевките што се добиваат од луѓето на кои си им помогнал, од луѓето кои тебе еден ден ќе ти помогнат, од луѓето кои ќе ти останат благодарни засекогаш. Среќните лица и безбројните прегратки исполнети со љубов и топлина ја надоместуваат цела потрошена енергија и тие се нашето богатство. Вистинскиот подарок се почитта и љубезните срца кои велат искрено ,,благодарам”.
Хуманитарната работа е дел од секој волонтер. Таа не е залудно потрошено време, туку пропрционална помош за тој што работи и за групата на која помага. Хуманитарната работа јас ја дожувувам како нешто позитивно и добродушно, во која, покрај сè, и јас учам многу работи, како и за мене себеси, така и за околината. Иако сум дури во првата година од моето средно образование, со огромното влијание што го има врз менеоваа работа, јас стекнав незаборавни моменти и многу корисни искуства. Научив да бидам потрпелива, посилна и погрижлива, но исто така научив и дека позитивните мисли и насмевката можат да го победат секој тежок момент во животот. Всушност, научив да го гледам светот од различна перспектива, од перспективата на оние на кои им помагам. А сето ова, ми помогна да се подобрам како личности, но и да ги подобрам моите вештини и таленти. Сепак, јас имам уште многу да учам и уште многу да напредувам. Пред сè, добротворната работа е двигател за неизбежната среќа кај мене, но и кај тие на кои им помагам.
Кога зачекорив во НОВА невозможно беше, а да не се запознаам со програмата за служење на заедницата. Дознавајќи дека треба да направам вкупно 10 часа во текот на цела година, огромни прашалници ми се појавија над главата. Мислев дека тоа е многу и не знаев на што ќе ги поминам овие часови. Но, од кога дознав за групите во кои можам да се вклучам и да помагам, сфатив дека 10 часа се всушност многу малку. Пред сè, оваа програма го разбуди волонтерот во мене, но разбуди и многу повеќе. Го разбуди силниот дух и оптимизмот, како и цела амбиција да постигнам и помогнам што повеќе. Ме поттикна да мислам пошироко, надвор од моите граници, а тоа ја разбуди надежта за подобро утре. Го разбуди скриеното, она што мислев дека не можам да го направам, но исто така ја разбуди и цела мотивација за понатамошен напредок. Оваа програма ми помогна да се пронајдам и надминам себеси. Таа, во моето училиште, ми ги отвори вратите кон многу активности.
Една од активностите која ми остави голем впечаток беше подвигот ,,Мали дела на добрина”. Во оваа активност учествуваа повеќе волонтери од училиштето, кои помогнаа во нејзиното реализирање за време на едно саботно претпладне. Прошетка почна од нашето училиште и заврши на плоштад. Поделени во три групи, сите подеднакво учествувавме и успеавме да им го разубавиме денот на многу луѓе. Претходно собраните книги, првата група ги оставаше на случајни места, или пак им ги даваше на минувачите. Втората група најде поеми и мудри мисли кои ги лепеше на видливи јавни места. А пак, третата група делеше домашно направени колачиња, но исто така и црвени рози. Оваа активност разбуди огромно задоволство во мене бидејќи беше прекрасно да се видат сите среќни и насмеани лица и тоа само поради едно мало дело на добрина.
Друга активност кој исто така ми остави огромен белег беше Балот на различности. Овој бал го организираше организацијата за лица со посебни потреби, Дајте ни крилја. Всушност, во овој бал учествуваа лица со посебни потреби од различни организации. Заедно со другите волонтери, бевме поделени да помагаме на различни места. Некои ги пречекуваа и упатуваа гостите, а други им помагаа и им правеа друштво на лицата со посебни потреби се до нивната изведба. Како волонтер кај децата со Даунов синдром кои танцуваа, јас ја почувствував нивната среќа и трема пред изведбата. Нивните прегратки и насмевки ги пробудија најубавите чувства, а мојата насмевка беше неизбежна. Ентузијазмот и радосните лица, со кои сите зрачеа дури пееја, танцуваа или рецитираа, беше повеќе од доволен за да го разнежи моето срце. Цела нервоза и напнатост необично исчезна и остана само чисто чувство на среќа и задоволство.
Како дел од групата за лица со посебни потреби во моето училиште, бев поттикната на уште две активности, исто така организирани од Дајте ни крилја. Тоа се обуката за користење на Халвик методата и хипотерапија.
Обуката за користење на Халвик метод претставува третман во вода за деца со посебни потреби. За време на оваа обука, научив како да се однесувам со тие деца во вода и како да ги опуштам од стравот, а притоа и како да ги научам да пливаат. По обуката, неколку пати бев во базенот во спортскиот центар ,,Борис Трајковски”, каде што волонтирав и работев со тие деца. Ова искуство беше прекрасно бидејќи чувството кога ги видов радосните лица на децата е незаменливо. Тие изгледаа многу спокојно и релаксирано, а во исто време и многу посигурни во себе. Нивната енергија се пренесе на мене и направи целиот напор и истоштеност да исчезнат, а само ентузијазмот да остане.
Хипотерапија е терапија реализирана преку јавање коњи, која ги стимулира мускулите кај децата со церебрална парализа и мускулна дистрофија. Движењето на коњот ги стимулира и најмалите мусклуни влакна во нивното тело, што им дава огромно чувство на контрола. Беше прекрасно да се гледаат тие деца, кои во тој моментот делуваа како да можат да направат сешто. Во тој момент на јавањето на коњот, тие изгледаа како најсреќните и најхрабрите личности, а во исто време ја ширеа својата позитивна енергија меѓу сите. Позитивниот дух кој несебично го споделија, ме следеше цел ден и предизвика огромна исполнетост.
Од сите овие активности јас научив и заклучив дека посветеното време е најважно во целата работа. Хуманитарната работа не се мери во часови, туку во тоа колку на луѓето си им докажал дека не се сами и дека има некој кој е спремен да им помогне и да им пружи љубов во секој момент. А помошта никогаш не е залудна, бидејќи таа е како бумеранг, ја даваме и секогаш се враќа кога ни е потребна.”
1 коментар