*Осврт на Маја Лазаревска, волонтер во
здружението на граѓани Дајте ни Крилја- здружение за поддшка на
лица со посебни потреби и ретки болести, за www.donacii.mk .
“Многу е лесно да се каже дека хуман човек се раѓа, нема да спорам, сигурно има и такви и прекрасно е да се гледа нивниот пример. Но моето мислење е поинакво. Хуманоста, добрината и активизмот се избор! Избор кој секојдневно го имаме во ексклузивнатата понуда на денот, а единствено свесноста дека не сме сами и ја имаме одговорноста кон другите може да не натера секојдневно да го правиме правиот избор.
Секојдневно сведочам неправди кои животот ги приредил на оние со кои заедно сме овде и сега. Сите тие не ме оставаат рамнодушна. Некои се вградуваат во моите брчки од болката која ми ја предизвикуваат, некои во солзите, но многу од нив секојдневно создаваат порив во мене да се обидам да сменам нешто.
Животот не ме галел често, па за својот скромен 30 годишен живот имав прилика да се борам со тешка болест и да знам што значи животот да ти зависи од материјалното, но и да гледам како блиските се вијат од болка поради мене немоќни пред предизвикот. Тоа не е нешто што може да те остави непроменет. Сега како мајка стојам исправена пред нов предизвик и сведочам една нова борба, борбата на моето дете со посебни потреби . Борба за првите чекори, првите зборови, борба да обезбедиме лекови кои ги нема во државата,справи и помагала кои ќе му донесат квалитет во неговиот млад живот, а ги носиме од другата страна на светот и секој од овие товари е на нашите плеќе. Често исправени пред предизвиците и соочени со се што НЕМА за мојата фамилија, можам да замижам и да ја почувствувам болката на сите мои соборци. ТОА Е МОТИВ, мотив да го вложам своето слободно време за моето ,но и за сите други деца кои имаат потреба од тоа.
Овој вовед не е за да натерам некој да ме доживее како жртва, има многу зборови кои ме опишуваат, но жртва не е еден од нив!
Моментот кога станав свесна дека промените, ситните промени ,зависат од мене секогаш поривот да помогнам, природно ме води да се ставам на располагање на некој кој има потреба од подадена рака. Волонтерството и активизмот е избор кој секогаш свесно го правам во рамките на своите способности, се со цел да бидам поддршка за оние со кои го делам времето во кое живеам. Темите кои ме инспирират да се ангажирам се директно зависни од периодот во мојот живот и ситуациите кои ги сведочам. Но сите нив ги поврзува само едно-желбата на крајот на денот да знам дека не сум само нем сведок на болката на другите туку активен чинител на мали позитивни промени.
Соочувајки се со многу предизвици и таложејки сопствено искуство, често немоќно знам да се исплачам или да пратам само позитивна мисла, некогаш толку можам..Но многу почесто знам да застанам и да пробам да променам нешто со лична заложба водена од позитивниот контекст на секоја ситуација. Јас сум само еден човек и како таков сите неправди на светот делуваат недостижно и демотивирачки, но промената ја гледам во личните борби и мали заложби на поединци кои заедно прават тежината помалку да тежи на нечии плеќи. Не секогаш сме моќни да промениме, но секогаш може да се обидеме. Како активист/волонтер секогаш се обидувам да ја согледам својата улога и каде би можела да придонесам и делувам. Некогаш тоа се лобирање на донации на средтсва и опрема користејки лични контакти, со цел одредени услуги да станат достапни за оние на кои им се потребни. Некогаш се интимни заложби за поединци кои имаат потреба од помош во училиште, градинка или низ лавиринтите на системот, а некогаш тоа е здружување на сили со истомисленици во заеднички акции. Сите заложби чувствувам како неколкукратно ми се враќаат и позитивно се одразуваат на мојата среќа, и колку повеќе давам од себе толку моето дете остварува свои успеси, мали за некого , но епски за моето семејство.
Она кое сметам дека е мој најголем придонес е е тоа што јавно, гласно и отворено зборувам за својот проблем , проблемите на моето дете и семејство, па така им давам простор на луѓето да не се чувствуваат осамени во својата болка и борба. Својата приказна ја користам за создавање на групи за поддршка и вмрежување на родители и професионалци се со цел да се разменат искуства и информации кои се од огромно значење во трката со време кое децата со посебни потреби и ретки болести ја немаат.
Во скромните заложби самостојно, но и како дел од неколку формални и неформални здруженија и групи имам учествувано во многу активности со хуман предзнак. Велат енергиите често знаат да ја препознаат сличната вибрација, па така со неколку мајки, сестри, хумани лица,заеднички скромно се обидуваме да бидеме поддршка преку здружението на граѓани Дајте ни Крилја- здружение за поддшка на лица со посебни потреби и ретки болести а од наскоро и преку Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби. Како дел од тимот на Дајте ни крилја имаме организирано бројни хуманитарни акции како Балот на Различности, хуманитарни базари и изложби каде собраните средства биле насочени како директна поддршка со донации на средства или лекови за лица со посебни потреби или ретки болести. Еден од моите авторски проекти реализиран со помош на тимот во Дајте ни Крилја беше проектот за реновирање на детскиот оддел на клиниката за ортопедија –Мајчин дом каде 12 компании од Македонија беа мотивирани да дадат донации во материјал и работна снага со цел да се обезбедат услови достојни за децата кои вежбаат таму.
Секој ден е нова борба и надеж за подобри услови за нашите деца. Како мајка која ги живее проблемите заедно со други родители и членови на семејства на лица со посебни потреби, се обидуваме да организираме активности кои би делувале и директно на системот со цел да се подобрат условите на децата и лицата со посебни потреби. Како родител но и како здружение сме ориентирани на инклузија на лицата со посебни потреби во рамките на сите општествени процеси и целокупното наше залагање и делување го насочуваме во тој правец.За некој да биде прифатен и вкучен некогаш не се потребни средства, потребен е личен мотив и инспирација . Некогаш во ваквите борби се чуствуваме осамени и тоа знае да делува на мотивацијата и инспирацијата да се вложуваме секојдневно. Некогаш имаме чувство дека се бориме со ветерници, и тоа знае многу да боли… Но тогаш е доволно да се осврнеме на секое дете кое спокојно учи во редовните училишта, секоја насмевка на задоволните родители кои оствариле некое свое право , на секое дете кое ја подобрило својата состојба, и па така секој успех на децата е и наш успех, нешто кое ни дава мирен сон и мотив за утре. Заедничката среќа е единствената среќа каде сите можеме да се приклониме, и таа е таа кон која треба сите да ја градиме, заеднички со мали чекори!”
Објави мислење