“Со добротворната работа се запознав пред 4 години, кога го започнав моето образование во интернационалната гимназија „НОВА“. Тогаш дознав дека надвор од академската работа, како дел од училишната програма од мене се бара да направам 10 часа годишно служејќи и на заедницата. „10 часа? Зарем не е многу тоа? Што ќе правам јас тие 10 часа? Со кого и каде ќе ги поминам?“ – ова беа дел од моите дилеми кои како рој прашалници ми се појавија над глава. Збунета отидов до таблата за информации и ги разгледав понудените групи во кој може да се волонтира… и така, по 10 минути сфатив дека не можам да се одлучам за само една група и затоа се зачленив во три. Уште во првата година сфатив дека тие 10 часа можат да се исполнат во еден месец но сè зависи од личноста; дали таа ќе се задоволи со овој лимит или ќе го надмине, притоа правејќи добрина како на општеството така и на себеси.
Гледјќи според своето искуство, можам да заклучам дека волонтерската работа му помага пропорционално на тој што ја работи колку и на групата на која помага. Во текот на овие 4 години, сите организирани акции и настани ми помогнаа да се осознаам себеси како личност и да сфатам кои се моите интереси. Еден ден бев во улога на наставничка, друг ден бев градежник, трет ден уметник, а притоа постојано бев активист и волонтер.
Една од активностите која најмногу остави белег на мене е волонтирањето во организиацијата „СУМНАЛ“. Оваа организација обезбедува дневен престој за децата од ромската популација. Имено, децата доаѓаат во просториите на „СУМНАЛ“ и таму ги завршуваат домашните задачи, учат нови работи или се дел од креативни работилници. Јас имав шанса да учествувам во едукативниот, како и креативниот дел. Нашата дружба беше навистина забавно искуство; научив повеќе за нивната култура, а и тие за мојата. Иако оваа етничка група честопати е дискриминирана, јас би сакала да посочам дека сите прерасуди паѓаат во вода откако ќе се помине малку повеќе време со луѓето за кои сè уште владеат стереотипни размислувања. Сите луѓе имаат уникатен карактер, кој има способност да ги смени формите на долготрајните шаблони во кои луѓето се склони да ги етаблираат различните националности, култури и етнички групи.
Поттикната од овие размислувања, заедно со невладината организација „Liberal Alternative Institute“, во 2013 година организиравме кампања против говорот на омраза кај младите, кој преовладува во последните години по социјалните мрежи. Целта на оваа кампања беше да се поттикнат младите да размислуваат пред да го стават следниот нов статус на некоја од социјалните мрежи и да си го постават прашањето: „Дали ова може некого да го навреди или повреди?“
Исто така, веќе четврта година сум дел од организацијата „Habitat for Humanity“, а од оваа година и претседател на клубот во моето училиште. Имено, ова е светска организација која има свои седишта во повеќе од 100 држави. Нејзина цел е градење на домови за семејства кои се социјално загрозени, со помош на донцаии и многубројни волонтери. Пред само една недела, јас и уште 10тина ученици од гимназијата „НОВА“ тргнавме кон Велес, каде што веќе има една куќа во изградба. Таму го поминавме претпладнето во копање дупки, пренесување тули и земја. Беше навистина интересно за еден ден да се ставиме во улога на градежници и да сфатиме колку се битни тимската работа и креативноста во оваа професија.
Што се однесува за мене, моја идна професија а воедно и голема љубов е медицината. Поради овие причини секогаш сум наклонета да помагам и учествувам во акции за собирање сретства за луѓе кои им е потребна операција или некакво лекување. Но, иако ефектот од овие акции е најзабележителен (бидејќи се работи за финанскиски сретства), постои и безброј други начини на кои може да се помогне. Имено, од оваа година заедно со уште неколку ученици од моето училиште започнавме да волонтираме на онколошкиот оддел на “Универзитетска Клиника за Детски Болести“. Работилниците со овие дечиња, а најмногу насмевката која ги краси нивните лица во текот на нашата дружба, уште повеќе ја потврдија мојата желба и амбиција да станам доктор. Сè со цел, еден ден мојата помош да достигне поголеми размери.
Исто така, оваа година организирав и самостојна изложба на тема „Што гледате кога ќе се видите во огледало?“. Оваа излжба беше составена од дваесет фотографии, а фокус на мојот објектив претставуваа жените кој победиле во борбата против ракот на дојка – членките на здружението „Борка“ (македонското здружение за борба против рак). Моја цел беше да ја зголемам свеста за распорстанетоста на оваа болест, но исто така и да влеам надеж на тие кои сега се борат со неа, покажувајќи дека победата е возможна, а силниот дух и оптимизмот се клучни двигатели кон неа. Оваа изложба може да послужи за пример дека секој е способен да направи придонес за своето општество, но исто така нечие хоби (во мојот случај фоторафијата) може да прерасне во нешто поголемо и позначајно.
Сè на сè, на крај би сакала да заклучам дека оние 10 часа кои пред 4 години мислев ќе ми претставуваат проблем, воопшто не ни ги почувствував. Добротворната работа не се мери во часови, туку во среќни лица. Добротворната работа не се мери во собрани парични сретства, туку во благодарни срца. Добротворната работа не се мери во број на раздадени летоци, туку во број на насмевки собрани. Бидејќи на добротворна работа не треба некој да не поттикне, туку напротив треба да произлезе од нас.”
-Кала Неткова
ученик во Интернационалната Гимназија “Нова”,
волонтер, активист, борец за Подобро Утре.
Објави мислење