Јана Чолаковска: “Посветеното време е всушност најдрагоценото”

2

“Секојдневно се соочуваме со секакви тажни животни приказни, разни апели за помош, луѓе на кој им треба подршка. Многумина едноставно за момент ќе сочувствуваат, а во следниот едноставно ќе продолжат со својот ден, како ништо да не се случило. Прашањето е: колку од нас можат да кажат дека навистина му помогнале на некој? Колку од нас можат да кажат дека секогаш кога им се создала можноста пробале да му го разубават денот на некој на кој очајно му требало? Би сакале да мислиме дека тоа се повеќето од луѓето, но вистината е разочарувачка. Со брзиот ритам на модерното време, малкумина имаат време да се посветат на хуманитарна работа. Но, тоа што луѓето треба да сфатат е дека хуманитарната работа не мора да одзема многу време – тоа мало време треба продуктивно да се искористи. Како млад активист можам да кажам дека сето време што го имам поминато работејќи хуманитарно секогаш се исплатило на најдобриот можен начин. А тоа е тој момент на реализација дека некој е среќен поради тоа што вие го правите.

Како ученичка во интернационалното средно училиште НОВА, хуманитарната акција е обавезен дел од моето школување. Секој ученик во НОВА мора да исполни минимум од десет часови за време од една училишна година во служба на заедницата. Ова доаѓа во разни форми, на пример:  еколошката група, каде што ученици работат на проекти за подигање на свеста за доброто на природата, групата Сумнал, каде што ученици работат со деца на кои им треба помош при школската работа, групата Грижа за животните, каде што учениците помагаат во зоолошката градина. Има многу избор со цел да се поттикне нешто во секој ученик, во зависност од тоа кои се неговите или нејзините интереси. Среќна сум, но пред се благодарна, што моето училиште ми овозможува ваква платфома и изобилство на информации кога се работи хуманитарната работа. Тоа ме поттикна и јас самата да продолжам со ваквиот вид на активизам.

За време на овие неколку години во кои активно сум инволвирана во хуманитарната работа сум учествувала во секакви организации, едни од кои се: Црвен Крст, Ротари Клуб Камен Мост и Група за помош на луѓе со посебни потреби која е во склоп на организацијата Дајте ни Крилја.  Би сакала да се фокусирам на два моменти во моето искуство со хуманитарната работа кои навистина покажуваат што таа значи за мене. Уште во мојата прва година од средното образование јас се зачленив во Ротари Клубот Камен Мост со кој што соработувавме во училиштето Димитар Влахов за деца со нарушен вид. Една од активностите беше талент шоу каде што децата покажуваа што знаат. Таа радост и моментална среќа со којашто децата зрачеа додека пееа, танцуваа, рецитираа беше повеќе од доволна за да компензира за сето време додека го организиравме настанот и додека работевме со нив. Секоја капка нервоза едноставно како да испари и остана само чувството на чиста радост.

Во групата за помош на луѓе со посебни потреби која е во склоп на организацијата Дајте ни Крилја се зачленив пред неколку недели. Има повеќе аспекти на тој проект, но тој во кој што јас членувам е хипотерапија. Што всушност е хипотерапијата? Toa  е стимулирање на мускулите на дете со церебрална парализа или мускулна дистрофија преку јавање на коњи. Малку бев несигурна во врска со целиот концепт, но кога ми објаснија како тоа функционира јас целосно се посветив. Јавањето на коњи, се разбира со посебни помагала, ги активира 90% од мускулите, особено на нозете и грбот, и на некој начин дава чувство на контрола кај децата. Чувството кога ги видов среќните лица на децата не може да се замени со ништо. Тие деца изгледаа како да се спремни да направат сешто. Како тие деца во тој момент да се почувствуваа похрабри и посигурни во себе. Таа енергија ја пренесоа на нас, волонтерите, а позитивниот дух ме пратеше до крајот на денот. Тој ден јас се почувствував исполнето.

Хуманитарната работа не се однесува само на донирање материјални средства. Всушност, посветеното време е најдрагоцено. Луѓето кои имаат потреба, пред се имаат потреба од тоа да знаат дека не се сами. Нив им преба човечка интеракција, нега, љубов, да сфатат дека на некој му значи. Сите ние имаме битки во животот и ниеден од нас не може да се бори сам. Затоа треба да погледнеме понатаму од себе, да се подигнеме како колектив, да сфатиме дека не сме сами и дека само заедно како општество можеме да го подобриме светот во кој живееме. “

-Јана Чолаковска, ученичка во Гимназија “Нова” -Скопје,

Волонтер, активист, борец за Подобро утре…

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење