Девана Нардели: “Светот би бил едно убаво место за живеење кога би биле исполнет со луѓе, како оние на плоштадот Македонија на 18ти мај 2014 година”

5

*Девана Ѓоргиевска-Нардели,

организатор на Хуманитарната акција за помош на поплавените на Балканот,

за www.donacii.mk ја раскажа приказната за идејата,

реализацијата на најголемата Донаторска Акција за помош изведена од страна на

Граѓаните на Скопје, која се одржа на Плоштад Македонија, на 18 мај 2014, и како Хуманоста се покажува на Дело.

   “Изминатата недела имав многу обврски и поради тоа не бев во тек со настаните. Дознав дури во петокот за катастрофата која ги зафати овие земји, сосема случајно додека гледав телевизија. Остатокот од денот го поминав следејќи ја состојбата на соседна Србија и ми беше јасно дека ситуацијата е алармантна, дека илјадници луѓе остануваат без покрив над глава, а својата вознемиреност не можев а да не ја забележам кога дознав дека има и загинати. Бев во шок, гледајќи ги снимките на кои се рушат цели куќи, снимки на кои водата го надминува нивото на куќите, снимки каде луѓето очајно се обидуваат да го спасат својот живот и да се изборат за својата егзистенција. Сето ова ме погоди многу.

Не можам да негирам дека ми беше уште потешко бидејќи се работеше за држава со која со години сме живееле како едно, за држава чии граѓани ги чувствуваме како свои браќа… Потоа следуваше и информацијата дека и Босна е во многу лоша состојба. Беше премногу возменирувачки.

Знаев дека морам нешто да направам и одлучив дека треба да се организирам во најкус можен рок. Беше петок навечер, а недела би била идеален ден за било каква хуманитарна акција. Се јавив веднаш кај Никола, кој веќе долго време е волонтер при Црвениот Крст и му кажав дека во недела во дванаесет часот напладне сакам да организирам хуманитарна акција за собирање на средства за загрозената целна група на граѓани во Србија и Босна и сакам да ми помогне во подготовките. Тој веднаш се сложи, но ми рече дека немаме ништо организирано, а недела е за само еден ден. Реков дека како за почеток е важна иницијативата која ќе ја направиме на фејсбук, а потоа сѐ ќе си дојде само по себе. Така и направивме.

За само два часа групата достигна 2000 членови кои сами бараа придружување. Ние сеуште немавме ништо организирано, освен времето и датумот. Бевме свесни дека при најмала грешка во организацијата ќе останеме на плоштад сами со донациите од страна на хуманите граѓани чиј број растеше од секунда во секунда.

Сосема случајно, преку социјалната мрежа фејсбук стапив во контакт со г-динот Марјан Милошевиќ кој ја понуди својата помош во организацијата. Несебично се нафати да ни помогне да ја оствариме нашата замисла, активирајќи се веднаш. Потоа се чув и со новинарот Кристијан Ландов, воедно и мој добар пријател, кој беше вознемирен исто колку и јас и веднаш почнавме со работа.

По само неколку часа, групата беше поддржана од околу 3000 активни членови. Телефонски бевме исконтактирани од страна на познатиот македонски шоумен Бојан Јовановски алијас Боки 13 со кого се видовме следниот ден и од кого добивме огромна поддршка.

Беше навистина напорно да се организира сѐ за толку кратко време, но помислата дека со овој чин помагаме некому ни даваше сила да направиме сѐ што е во нашите можности. Објавивме дека ни се потребни волонтери за утрешниот хуманитарен настан и ни се јавија можеби двестотини хумани граѓани. Беа свесни дека ќе биде напорно, но тоа не им пречеше целиот следен ден да пакуваат на жешкото сонце, да ги товарат камионите, да сортираат облека, храна и постелнина, да донираат… Боки 13 ја водеше хуманитарната акција, давајќи им инструкции на волонтерите. Сите кои беа таму го покажаа човекот во себе.

Плоштадот Македонија беше преполн со донации. Мразам статистика, па затоа ќе кажам само дека собравме премногу храна и флаширана вода, облека и постелнина, козметика и хемиски препарати и др.

Не можам а да не ги споменам Град Скопје кои дадоа голем придонес да го оствариме настанот во неработен ден, како и Црвен Крст кој овозможи складирање на собраните донации во нивните магацини.

Хуманитарната акција е сеуште во тек и затоа ги повикувам сите хумани луѓе да донираат на активните донациски броеви.

Добиваме и негативни коментари од страна на некои поединци, кои тврдат дека ова сме го направиле за да си го зајакнеме публицитетот. Но, јас мислам дека тие луѓе се само човечки битија на оваа планета кои никогаш не направиле добро дело. Никогаш душата не им била исполнета кога ќе видат среќа во нечии очи и не знаат колку вреди сознанието дека токму ти си направил нешто за да промениш нечија лоша ситуација. Но, тие тоа можат да го променат, а тоа ќе се случи кога ќе сфатат дека најголемото богаство е правењето добри дела. Добрината е најголемата доблест и богаство и не е точно дека не може да се живее од неа. Добриот човек е секогаш среќен.

Мило ми е што ја поттикнавме речиси цела Македонија да ја покаже својата хумана страна. На плоштадот се чувствуваше позитивна енергија и јас лично уживав во тоа.

Светот би бил едно убаво место за живеење кога би биле исполнет со луѓе, како оние на плоштадот Македонија на 18ти мај 2014 година.”

 

Девана Ѓорѓиевска – Нардели

естраден уметник

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење