-интервју за www.donacii.mk на Биљана Милошевиќ,
филантроп, организатор на хуманитарни акции и борец за подобро утре.
“Мотивација за акциите кои ги правам е пред се желбата за да помогнам некому и насмевките на детските лица. Потекнувам од семејство каде што хуманоста секогаш била на прво место. Значи моите родители се виновни за ова. Секој може да помогне. Не е важно дали тоа ќе биде финансиски или на друг начин. Многу често луѓето мислат дека под хуманитарна акција се подразбира да се донира финансиски средства. Јас лично избегнувам да собирам финансии, и барам помошта да е составена од храна, средства за хигиена, облека, пелени ако има бебе во семејството и слично. Со сестра ми се одлучивме да објавиме апел преку Фејсбук пред се за нашите пријатели да видат, но бевме изненадени од тоа колку луѓе ни се јавија и колку нашиот народ има желба да помогне. Имам и случаи каде што ми се јавуваат од странство за да помогнат. Посебно морам да се заблагодарам на сите МАЈКИ кои ни помогнаа и на ПЕЛИСТЕРКА која постојано ни донира вода за пиење за овие семејства, бидејќи голем дел од овие семејства немаат вода ниту струја во нивните домови ако можеме да ги наречеме така воопшто. Тоа што телефонот постојано ми звони и Фејсбук сандачето ми е полно со пораки од луѓе кои сакаат да помогнат, ме мотивира да продолжам понатаму и да не се откажувам. Размислуваме со сестра ми да отвориме хуманитарна организација, за да можат и фирмите да ни донираат финансиски средства но ќе видиме како ќе се движат работите, засега сме задоволни и на овој начин ( самостојно ) како се одвиваат работите.
Започнав со овој начин на живеење од многу одамна. Јас сум по природа многу емотивна личност, и никогаш луѓето не сум ги делела на богати и сиромаси. Уште како малечка имав пријатели од Домот за деца без родители и често бев таму гостинка. Моите родители имаат приватна фирма и се сеќавам дека мајка ми со радост ја чекаше Новата година за да прави пакетчиња за децата од домовите и за децата со посебни потреби. Со дел од тие луѓе и денес да се сретнам на улица ќе се испогушкаме и ќе испиеме кафе. Сега само последниве месеци е јавно бидејќи сфатив дека преку Фејсбук можам да дојдам до повеќе луѓе кои сакаат да помогнат и дека информацијата преку Фејсбук е побрза од се друго . Како што веќе кажав, желбата за да помогнам некому е причината зашто го правам ова. Насмевката на детските лица кога ќе им однесеш храна или облека, е неспоредлива со ништо друго. Мислам дека на никому од нас не ни е проблем да издоивме на месечно ниво 100 денари и да ги донираме за храна за загрозените семејства. Кога би имала 100 луѓе кои би ми донирале по 100 денари месечно, јас со тие пари би можела да нахранам 2 семејства, а да нахраниме 2 семејства со по 3-4 дечиња, тоа не е мала работа и воопшто не е за потценување. А замислете да имам 1000-2000 такви луѓе. На среќата би и немало крај !
Јас како единка, неможам да донесам никаква промена и тоа е реалноста. Можеме да донесеме промена ако се собереме повеќе луѓе и да помагаме постојано. Нормално кој колку може. И еден зејтин да купите и да го донирате, тоа семејство ќе готви со тој зејтин една недела. Едно млеко – оброк за цел ден за детето. Мора да се крене свеста кај нашиот народ и да им се даде една јасна слика за тоа какви загрозени семејства постојат во нашата држава. Многу од луѓето кога ќе видат некој мој апел, ми се јавуваат и ми кажуваат дека со денови неможат да спијат и да јадат од тоа што го виделе и го прочитале. Јас го надминав тој период кога неможев ниту да спијам, ниту да јадам бидејќи бев премногу потресена од глетката на овие семејства. Сега парите за мене изгубија секаква вредност и ги гледам како парче хартија. Што ми вреди мене целото богатство на овој свет, ако знам дека недалеку од мене има мајка со 3-4 дечиња без струја и без вода и се мисли како ќе им обезбеди храна денес на своите најмили? Мислам дека мора да најдеме начин да ја запознаеме јавноста со овие случаи и што побрзо да им обезбедиме пристојно место за живеење или барем да ги обезбедиме со храна овие семејства. Најчесто луѓето донираат облека, но најважно ни е да донираат храна. Исто така апелирам до поголемите фирми да ги вработуваат овие луѓе и да им овозможат самите да си заработат парче леб и да си го издржуваат семејството.
Животот е тркало. Денес сме горе, а веќе утре можеме да бидеме на дното. Никој однапред не си ја знае својата судбина. Наместо за кафе, донирајте ги некаде тие 50 -100 денари. Наместо прослави за 8ми март, Нова година и слично, соберете ги тие пари и донирајте ги на некому кој би преживеал со тие пари. Знаете сите ние постојано сме во брзање, постојано трчаме по пари, по работа, по кариера, по богатство, немаме време за најблиските и на крајот од денот доаѓаме дома легнуваме да спиеме од премореност и толку. Забораваме која е смислата на животот и на нашето постоење. Мора луѓето да сфатат дека парите не им вредат ништо ако немаат со кого да ги потрошат и ако немаат време да уживаат. Никој од овој свет не си заминал богат, и пред Бога сите сме еднакви. Мора да одвоиме време за себе си, мора да направиме нешто убаво за другите, мора да си помагаме. Секој се раѓа како човек, ама не секој умира како таков. Направете го животот вреден за живеење, нема поубаво чувство од чувството дека денес некој имал топол оброк и дека е облечен поради тебе. Сакајте се и помагајте.
Мојот телефонски број е достапен за сите, секој кој сака да помогне може да ме побара. Морам да напоменам дека ова воопшто не е лесно, дека животот на овие луѓе е премногу тежок и дека често се наоѓав во искушение дали да продолжам понатаму.Kога ќе однесев некаде помош и кога ќе видев колку тоа им значи на тие семејства, се друго заборавав. Со радост го дочекувам секој нов ден и секој нов ден ми е шанса да помогнам некому.”.
1 коментар