Димитар Димоски, за неговата борба со Кроновата болест и за хуманоста…

7

 

 

 

 

“Мојата борба со Кроновата болест започна на мои 13 години кога за прв пат бев дијагностициран.  Од тогаш јас и моето семејство се справувавме со секојдневните проблеми кои доаѓаа со оваа болест и во сиот тој период имаше големи успеси, но исто така и големи неуспеси во обидувањето да го чекам секој нареден ден без болки и изнемоштеност, да бидам потполно здрав и да функционирам нормално како и сите останати деца на моја возраст.

Поминаа цели 7 години во борба и надеж за подобро здравје, кога при една посета кај професор специјалист за Кронот, дознав за терапијата Infliximab (Remicade) и нејзините ефекти кои ја докажале како најсилната и најдобрата терапија некогаш измислена за Кроновата болест. И сега, кога медицината конечно напредува до степен да измисли лек за болеста, мене ми даде надеж дека конечно ќе можам да се збогувам со неа. И тоа засекогаш.

Сепак, поради долгогодишните лекувања и прилично скапи терапии моето семејство не беше во можност да ја исплати Remicade терапијата која чинеше околу еден милион денари, а беше крајно неопходна затоа што веќе се наоѓав во таа фаза во која нормалните терапии веќе не делуваа.

Со надеж дека ќе наидам на многу хумани луѓе, решив да ги искористам социјалните мрежи и мобилните оператори. Фондацијата на Т-Мобиле и Вип ми излегоа во пресрет отворајќи броеви на кои може да се донира со повик. Аналогно на тоа, апелот се објави на една од најхуманите страници на фејсбук, Донации. Бев полн со надеж и бескрајно благодарен на толку добри луѓе кои ми пружија шанса да ги соберам посакуваните средства.

Реакциите на кои наидов на групата Донации, на другите социјални мрежи, форуми, па и во живо ме натераа да заплачам од среќа. Тогаш ја сфатив големината на човекот и што се би направил за да си помогне еден со друг. Дека хуманоста, сепак, победува. Средствата за терапијата беа собрани и сега, кога веќе сум на половина од лекувањето и го поминувам успешно, можам да кажам дека сум многу подобар, благодарение на сите хумани луѓе кои донираа, затоа што знам дека без нив, не би можел сега да бидам она по кое отсекогаш сум копнеел – да бидам здрав, да студирам, да се дружам и живеам без проблеми.

Знам дека уште многу други луѓе на кои им треба нашата помош го посакуваат токму тоа – успешни борби и среќни приказни. Знам дека постојат многу хумани луѓе кои капка по капка би придонесле за да се остварат соништата на оние кои се борат за нив, за најскапоценото нешто на светот – здравјето. Често се сеќавам на еден цитат од еден наш познат писател кој вели “Ваше е само она што ќе им го дадете на другите”.  Бидете хумани, бидете свесни дека денес можете да помогнете со еден мал гест кој некому му значи живот, донирајте за оние на кои им е потребна помош, затоа што на крајот на денот, најсветото нешто кое сме можеле да го постигнеме е човечноста. “

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење

Добивајте ги новите апели за помош директно на Вашиот емаил. Се што треба да направите е да го внесете Вашиот емаил во полето: