Осаменоста поголема од сиромаштијата

4

Осамен во долгите ноќи, загледан во пламенот од свеќата крај креветот, Расим Махмудовски од Челопеци секоја ноќ ја води својата битка над темните сенки во себе.

Со траги од непроспиените ноќи врз своето лице, со празен стомак и без план како натаму, сепак, ја дочекува зората како победник, зашто не дозволил лошите мисли да завладеат со неговиот ум. Тешка е битката што ја води Расим од денот кога останал без двајцата родители. Ги викал „мамо и тато“, тие биле неговото семејство. Биолошките родители го оставиле во дом уште во пелени, никогаш не ги видел, ниту тие прашале за него, не сака да ги запознае. Муневерка Мамудоска, невенчаната сопруга на Мамут Бекироски од Челопеци одлучила да го посвои. Иако сиромашни, овие скромни луѓе го негувале, го пораснале и му ја дариле својата љубов.

Од денот кога останал сам, животот на Расим е се’ поцрн. Живее во остатоци од куќата на неговиот татко со урнат еден ѕид. Под нема, покривот пропушта вода при секој дожд, ризично е кога има грмотевици. Кабли од електроинсталацијата се расфрлани на сите страни, иако струја нема со месеци. ЕВН редовно го исклучува поради неплатени сметки. Последниот пат за сума од околу 4.000 денари. Вели, не може да собере толку, оти социјалната помош изнесува 1.200 денари, а тие пари не му стигнуваат ни за храна. Има шпорет, но нема што да готви. Собира тревки, ги вари со вода и сол како чорба, за да преживее. Гладува со денови. Додека не дојдат соседите да му донесат чинија со топол оброк, џемпер за да се грее кога е студено. Во куќата дува од сите страни. Некој му подарил кревет, друг ќебе, како-така се снаоѓа. Но, кога ќе дојде зимата, почнува тешка мака, страдања на кои не им се гледа крајот. Студот продира од сите страни, со денови никој не го бара, не прашува за него, а тој стравува дека ќе смрзне. Иако става дрва во стариот шпорет, топлината не останува во куќата која личи на отворена шупа. Не знае што е потешко, гладот, студот или осаменоста.

„Ми доаѓаат секакви мисли, кога сам со денови седам во ова куќарче и никој не ме бара. Ми доаѓа да си направам нешто лошо. Што ли сум згрешил, кому сум направил лошо, па да бидам толку казнет. Ниту работа, ниту стан, ниту храна, ништо. До кога ќе биде вака?“, вели разочарано Расим.

Еднаш годишно доаѓале социјалните работници да вршат увид. Вели дека прават записник и си одат. Тоа е грижата што ја добива од државата. А, барал да му се додели некаков стан зашто е домско сираче.

„Само 1.200 денари и куп трауми, секој ден, секој момент. Тоа го добивам од државата. Ништо друго. Слушам дека им помагаат на граѓани кои доаѓаат од други држави, дека ги згрижуваат, а јас што да правам, кому да се обратам, како да се снајдам во мојов мачен живот. Добро е што умот ме држи, што доброто ми е пријател и натаму. Оти во овие страдања многупати ми дошла мисла да крадам за да се нахранам, да преживеам. Тогаш државата веднаш ќе реагира. А, без соодветна помош, токму државата е таа која не’ турка во злодела. Не сака да ми помогне, не сака да ми даде шанса да бидам пристоен граѓанин. Секој што успеал во животот добил некоја помош, најмалку покрив над глава, или работа за да може сам да си обезбеди живот. Јас добивам само затворени врати секаде каде што ќе побарам помош“, вели Расим.

Луѓето во Челопеци се пријателски настроени кон него, му помагаат колку што можат. Има многу неостварени желби во животот, не знае како и дали воопшто ќе ги исполни, но мечтае за топол дом, за семејство.

„Секој ден ме прогонува мислата за среќен живот каков што имаат другите луѓе. Додека тие седат на трпеза со семејството, јас сам крај свеќата сонувам за таков живот. И мене да ме пречека сопруга, на скромна трпеза во топол дом и дете да ми рече „тато“. Но, ете ја немам таа среќа. Како да формирам семејство без пари, каде ќе живеам? Зар покрај мене да ги казнам и другите да страдаат“, зборува Расим, повеќе за себе отколку да се пожали.

Многу не верува во добра иднина, ниту во подобар однос на институциите. Сепак, бара помош. Подготвен е да работи секаква работа за да преживее и да си го врати достоинството.

„Зар ќе го чуе некој овој мој крик за спас, или како и многу други приказни на мачните луѓе ќе заврши и мојата“, вели разочарано Расим Мамудоски од Челопеци.

Го оставивме сам да ја довари чорбата од тревки што ги собрал утрото кога го посетивме. На неговата трпеза немаше леб. Пари нема додека не добие социјална помош за следниот месец. До тогаш ќе се храни со надеж и љубов кон Бог, кому му ги упатува молитвите за топол и мирен дом.

Осамен во долгите ноќи, Расим од Челопеци

Автор: Моника талеска

Извор:10без10

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење

1 коментар

  1. Објавено од gsagsagsagsagsagas, на Одговори

    Verba vo Bog!

Добивајте ги новите апели за помош директно на Вашиот емаил. Се што треба да направите е да го внесете Вашиот емаил во полето: