Завршен апел за помош на браќата Николовски од Велес

10

Апелот за помош е комплетно превземен од duma.mk

Сите што сакаат да им помогнат на Николовски можат да се јават на телефонскиот број на соседите 070/ 375 050.

Премрзнати и гладни,браќата Николовски, бараат помош од добронамерни луѓе

Без храна, струја, огрев и оваа зима живеат двајцата браќа Николовски во трошната куќарка на улицата „Орце Шутев“ бр. 10 во Велес.Четириесет и едно годишниот Младен и неговиот девет години постар брат Слободан се лица со посебни потреби. Тие по смртта на татко им, пред десеттина години, останале без старател. Мајка им починала уште кога двајцата браќа биле деца. Живеат во нехумани услови велат нивните соседи кои се организирале и им даваат храна а преку доброволни прилози собрале пари да им ги платат заостанатите сметки за струја, за Младен и Слободан да не се плашат од темнината во домот.

„Болен сум од асма, не гледам на десното око и немам пари за да купам лекови,“ , рече Младен додека Слободан се скри внатре во куќата, видно посрамен од присуството на луѓе кои не ги познава. На прашањето имаат ли денеска што да јадат Младен ги крена рамењата. Неговите соседки го потсетија дека синоќа, нему и на брат му Слободан,  им донеле топол оброк и ги прашаа дали го изеле. Тие раскажаа за сиромаштијата во која живеат нивните соседи и побараа да им помогне заедницата.

„Многу мирни и скромни мажи се. Слободан има поголем хендикеп и затоа не може да работи. Младен работеше до пред половина година. Деновиве го гледаме како поради маглата не може да диши. За жалење се, не треба вака да го живеат животот. Тие добиваат социјална помош од илјада денари што е премалку за живот. Ве повикавме за да ја пренесете оваа приказна во јавност и да им се помогне на браќата. Ние ќе сториме се што треба само упатете не од каде да тргнеме и како да се обидеме на овие луѓе да им помогнете да ја наследат пензијата на татко им. Тоа ќе биде доволно да продолжат со скромниот живот,“ рече соседката Драгица Бошкова.

Младен ги слушаше соседите кои велеа дека тој и брат му не поднеле документи за отпис на долгови. Не ни знаеше дека имаат право да аплицираат во Центарот за социјална помош. Кога на заминување го прашавме што најмногу им треба, Младен рече:

„Храна и дрвца ни требаат оти не ни гори ќумбето а ни студи. И навечер немаме струја, се е темно.“Останатите соседи на Николовски побараа помош од добронамерни луѓе. Целта им е да соберат пари и да им купат огрев но и да остане за лекарски прегледи на кои треба да отидат и Младен и Слободан. Тие немаат ни облека, ниту постелнина па ниту со што да се покријат во ладните зимски ноќи. /У.Ј”

Сите што сакаат да им помогнат на Николовски можат да се јават на телефонскиот број на соседите 070 375 050. (Извор)

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење

Добивајте ги новите апели за помош директно на Вашиот емаил. Се што треба да направите е да го внесете Вашиот емаил во полето: