Апел за помош на Сузана и нејзините мајка и братче

10

Преземено од fokus.mk

Сузана Минов, студентка по психологија, втора година на Филозофскиот факултет, ги моли сите добри и хумани луѓе за помош. Откако пред три години починал нејзиниот татко, мајка и едвам врзувала крај со крај. Во зима им било најтешко, поради зголемените трошоци за греење, па Сузана вели дека дома биле принудени да спијат со јакни, а поради беспарицата дури и не можела да си дозволи редовно да си доаѓа дома, во Неготино, бидејќи и недостигале пари за превоз. Скромната девојка вели дека мајка и цел живот и го посветила нејзе и на помалиот брат. За да и овозможи да студира, се откажала од најосновните потреби, и затоа Сузана уште повеќе се чувствувала беспомошно додека ја гледала мајка и како се мачи во животот, без основни услови.

,,Ви се обраќам поради мојата немоќ, затоа што не можам сама да им помогнам на мајка ми и на мојот брат. По потекло сум од Неготино, студирам во Скопје. Нашата голгота започна откога почина татко ми. Од тогаш, мајка ми веќе три години е без греење и услови за нормален живот. Поради тоа барам помош од добрите луѓе. Сакам да и се оддолжам на мајка ми за нејзината пожртвуваност, за се што направи за мене… Таа собираше пари за да можам да си ја платам ратата за факултет до крај, цел живот се бори за нас, а оставена е сама без помош. Многу е тешко да си самохран родител. Тоа е секојдневна борба за опстанок. Ја гледам мајка ми и се тешам дека јас сум веќе возрасна, но како ли им е на тие самохрани мајки кои што останале сами со мали деца? Досега никој од градот или Општината не ни помогнал, ниту пак примаме социјална помош, бидејќи мајка ми има српско државјанство. Единствен приход ни е малата пензија од татко ми, но станува збор за навистина малку пари, кои што не стигаат за мене, брат ми и мајка ми. Уште потешко ми е сега што во пресрет на празниците, ниту пак за викендите, не можам да си одам дома, немам услови за превоз, не можам да си ја посетам мајка ми… Ретко доаѓам дома, бидејќи во станот е премногу ладно, па принудени сме да седиме и да спиеме во јакни. Поради студот, често сме болни, моето братче има бронхит… Мајка ми е во уште потешка состојба, веќе цел месец е болна. Инаку, кога е сезона таа работи како аргатка, но не може да обезбеди доволно средства’’ – раскажува девојката. Таа додава дека пријатели од факултетот и обезбедиле малку дрва, и како е свесна дека донациите не се трајно решение.

,,Ни требаат средства да ја поминеме зимата, но најважно од се е тоа што на мајка ми и е потребно вработување. Самохрана мајка, која што работи сезонски како аргатка, тешко дека може да си го издржува семејството. Знам дека градоначалникот од Неготино и ветил еднократна помош од околу 3.000 денари, благодарни сме на тоа, но нам ни треба долготрајно решение. Мајка ми е вредна работничка, и доколку и се понуди работа, нема да ја одбие. Помошта ни е најпотребна сега, додека таа да закрепне. Се надевам дека има доволно хумани луѓе кои што ќе ни излезат во пресрет, да им се израдуваме и ние на празниците’’ – изјави за ,,Фокус’’ Сузана.

Сите кои што сакаат да му помогнат на ова семејство, можат да ја контактираат Сузана на телефонскиот број 077 891 734.

Здружението Хуманост без граници поттикнува превземање на апелите за помош единствено за хуманитарни цели. Здружението се оградува од било какво користење на апелите за помош за политички цели, политичка пропаганда и ширење на верска, национална, политичка и друг вид омраза.

Објави мислење

Добивајте ги новите апели за помош директно на Вашиот емаил. Се што треба да направите е да го внесете Вашиот емаил во полето: